Мироносица рамноапостолна. Родум од местото Магдала крај Генисаретското Езеро, од племето Исахарово, заради што е наречена Магдалина. Претходно мачена од седум зли духови, од кои ја ослободи Господ Исус и ја направи здрава.
Верна следбеничка и служителка на Господа за време на Неговиот земен живот. Стоеше под Крстот на Голгота заедно со Пресветата Богородица и тагуваше горко. По преминувањето на Господа трипати го посети Неговиот место. Кога Господ воскресна, таа Го виде двапати: еднаш додека беше сама, а вториот пат заедно со останатите жени Мироносици.
Отпатува во Рим, излезе пред кесарот Тибериј и предавајќи му црвено обоено јајце го поздрави со зборовите: „Христос воскресна!“ Тогаш пред кесарот го обвини Пилат за неправедната осуда на Господа Исуса. Кесарот го прими нејзиното обвинение и го премести Пилат од Палестина во Галија, каде овој неправеден судија го заврши животот, во царска немилост. Потоа од Рим се врати во Ефес кај светиот Јован Богослов, на кого му помагаше во делото на проповедањето на Евангелието. Со огромна љубов кон воскреснатиот Господ и со голема ревност му го јавуваше Евангелието на светот, како вистински Христов апостол.
Се упокои мирно, во Ефес, и според преданието погребана е во истата пештера во која биле чудотворно успиени во стогодишен сон седумте отроци.
Според народното верување, таа била сестра на свети Илија, поради што утре се можни временски непогоди, грмежи и град, па луѓето велат дека „брат и сестра разговараат“.
Таа е многу почитувана, особено кај жените. Спаѓа во неподвижните празници и иако нема „црвена буква“ во црковниот календар, на тој ден, исто како и на огнена Богородица и на светиот петок, ништо не се прави ниту во куќата, ниту на полето.
Се верува дека Марија Магдалена е заштитничка на жените и постои обичај жените да запалат свеќа, да се молат и да замисат желба на нејзиниот празник. Народот верува дека, ако на нејзиниот празник, жените одат во црква, ѝ се помолат и запалат свеќа, може да побараат исполнување на желбата и светителот сигурно нема да ги одбие.