понеделник, 26. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Делегација на турското Министерство за одбрана отпатува во САД на разговори за Ф-16

Делегација на турското Министерство за одбрана отпатува во САД на разговори за Ф-16

Техничка делегација на Министерството за национална одбрана на Турција отпатува во САД во врска со продажбата на авиони Ф-16 и комплети за модернизација на постојните авиони, јави турската телевизија ТРТ Хабер.

Министерството на својот Твитер профил објави дека делегацијата отпатувала и потсети дека досега во Турција се одржани три состаноци посветени на ова прашање.

„Во рамките на испораката и модернизацијата на Ф-16 од САД, се одржаа три состаноци во Турција – во декември 2021 година и февруари и март 2022 година. Со цел да се изврши испорака и модернизација на Ф-16 што поскоро можно, на покана на американската страна отпатува техничка делегација на Министерството за национална одбрана во САД на разговори“, се вели во соопштението.

Турција побара да купи 40 нови Ф-16 и 79 комплети за надградба за нејзината постоечка флота, откако нејзиното учество во проектот за авиони Ф-35 беше прекинато поради распоредувањето на рускиот систем за противвоздушна одбрана С-400.

Иако Вашингтон изгледа позитивно настроен во врска со договорот, американскиот Конгрес неодамна усвои нацрт-закон со кој се забранува САД да продаваат или префрлаат авиони во Турција, освен ако администрацијата не потврди дека тоа е од суштинско значење за американската национална безбедност и вклучува опис на конкретните чекори кои гарантираат дека авионите нема да се користат за повторени неовластени прелети над Грција.