недела, 31. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Израелскиот премиер предупредува на ширење на тероризмот доколку се обнови договорот со Иран

Израелскиот премиер предупредува на ширење на тероризмот доколку се обнови договорот со Иран

Израелскиот премиер Јаир Лапид изјави денеска дека западните сили мора да ги прекинат преговорите за обновување на нуклеарниот договор со Иран, предупредувајќи на опасност од „тероризам низ целиот свет“ доколку Техеран заработува сто милијарди долари годишно.

„Израел не е против договор. Ние сме против овој договор бидејќи е лош, затоа што не може да се прифати онаков како што е во моментов напишан, рече Лапид на брифингот за странските новинари во Ерусалим.

Лапид рече дека според она што сега му се нуди, на Ирен ќе му обезбеди сто милијарди долари годишно, без притоа да појасни врз што ја заснова таквата проценка.

Тој предупреди дека Техеран нема да инвестира пари во „градење училишта или болници“, туку за „поткопување на стабилноста на Блискиот Исток“ и ширење тероризам.

„Револуционерната гарда ќе се финансира со тие пари. Ќе се финансираат повеќе напади врз американски бази на Блискиот Исток. Ќе се користи за зајакнување на Хезболах, Хамас и Исламски џихад“, рече израелскиот премиер.

Израел во 2018 година ја поздрави одлуката на тогашниот американски претседател Доналд Трамп за повлекување на САД од договорот со Техеран.

Вашингтон во меѓувреме посочи дека Техеран направил отстапки во преговорите за обновување на тој договор.

Висок американски функционер појасни дека Иран повеќе нема намера да го блокира пристапот на инспекторите од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), а се откажа и од барањето за симнување на Револуционерната гарда од списокот териристички организации.

Независно отстапките, Израел и натаму се спротивставува на договор, особено доколку тоа предвидува укинување на економските санкции против Техеран.

Израел смета дека нацрт-договорот „не соодветствува на критериумите што ги постави самиот (американски претседател) Џо Бајден – да спречи Иран да стане нуклеарна држава“, предупреди Лапид.

Израелските власти го критикуваа договорот за кој се преговара, бидејќи не предвидува уништување на центрифугите за збогатување ураниум, ценејќи дека на тој начин му се остава на Техеран повторно да ги активира во момент кога ќе смета дека му одговара.

Лапид неодамна апелираше до претседателот на Франција и канцеларот на Германија да не го потпишуваат нацрт-договорот со Техеран.

„Им кажав дека преговорите се дојдени до точка на која мора да бидат прекинати“, појасни денеска Лапид.

Израелските медиуми коментираат дека премиерот не ги критикувал директно САД, туку рекол дека постои отворен дијалог со американската администрација за сите недоразбирања и оти ја почитува нивната подготвеност да слушаат и да соработуваат, нагласувајќи дека САД остануваат најблискиот сојузник на Израел.

„Претседателот Бајден е еден од најдобрите пријатели што Израел некогаш ги имал“, рече Лапид и повтори дека договорот со Иран, доколку биде потпишан, нема да има обврзувачки карактер за Израел кој, како што истакна „ќе дејствува за да спречи Иран да стане нуклеарна“ сила“.  (МИА)