Францускиот претседател Емануел Макрон го повика генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси што поскоро да испрати експертска мисија во нуклеарната централа Запорожје, соопшти денеска Елисејската палата.
„Претседателот на Републиката изјави дека Франција ги поддржува плановите за што поскоро испраќање експерти на МААЕ во нуклеарната централа Запорожје, со цел да се обезбеди безбедноста на нуклеарната постројка“, се наведува во соопштението.
Претходно денеска Гроси на Твитер објави дека одржал навремен и фокусиран состанок со францускиот претседател Макрон за мисијата на МААЕ во нуклеарната централа Запорожје.
„Денеска навремена и фокусирана средба со Емануел Макрон за претстојната посета на МААЕ на украинската нуклеарна централа Запорожје – ви благодариме за континуираната поддршка и напорите оваа критична мисија да стане реалност“, напиша Гроси. (МИА)