По барањето на украинската Влада од 26 август Европската Унија денеска испорача пет милиони таблети потасиум јодид како превентивна мерка против радијација од нуклеарната централа во Запорожје, јави дописничката на МИА од Брисел.
Веста ја потврди денеска Европската комисија.
Засилените борби околу оваа нуклеарна централа меѓу Русија и Украина ја зголеми загриженост од штетна радијација и опасни последици за населението.
Таблетите јод кои ги донира Европската унија имаат за цел да се користат во одредени сценарија за да се спречи инхалација на радиоактивен јодин во тироидата.
Пет и пол милиони таблети ќе и се испорачаат на Украина за населението преку Цивилниот механизам за заштита на ЕУ. Пет милиони доаѓаат од резервите на ЕУ, а 500 илјади од Австрија. Тие ќе бидат доставени преку Германија.
Еврокомесарот за кризно управување, Јанез Ленарчич, изјави дека ниедна нуклеарна централа не смее да се злоупотребува.
-Неприфатливо е што цивилни животи се ставаат во опасност. Секое воено дејствие околу нуклеарката Запорожје мора да престане веднаш, изјави Ленарчич кој и се заблагодари на Австрија за дополнителните 500 илјади таблети.