Над 1.000 повици на телефонскиот број 112 се регистрирани вчера попладне по силното невреме кое го зафати Скопје. Оперативците на Центарот за управување со кризи примиле и проследиле 180 од пријавите, а дел од нив ги координирале.
Од ЦУК за Курир информираат дека најголем дел од тие пријави, 80, биле за поплавени простории од објекти, 40 пријави имало за паднати дрва. За оштетени возила оперативците на ЦУК примиле 20 пријави, а исто толку имало и за поплавени улици и подвозници. Петнаесет пријави имало за оштетени кровни конструкции, а пет за скинати проводници, навалени бандери и останати проблеми со струја.
-Сите овие пријави и проблеми за нивно решавање редоследно по приоритет беа проследени до: противпожарната бригада, Градот Скопје, Општините и Јавните претпријатија во Градот. Противпожарната бригада на Градот Скопје после невремето со нивни екипи интервенирале во десетина случаи за испумпување на навлезена вода од објекти и критичните места на скопските сообраќајници. Од ЈП Водовод и канализација со цистерни и вакум цистерни работеа на исцрпување на насобраната вода и на одзатнување на атмосферската канализација на критичните места ( подвозници и главни сообраќајници ),а постапувале и по пријави на граѓани на уште 40-тина други места, велат од ЦУК.
Утрово состојбата е нормализирана.
Од ЕВН известуваат дека дефектите во страна дефектите во електро системот настанати од атмосферските празнења и силниот ветер во повеќе реони од градот и околината во текот на ноќта се отстранети освен кон селата Дворце и Радуша во Општината Сарај каде жителите се уште се без електрична енергија.
Според известувањето од сообраќајната полиција како и ЈСП Скопје од околу полноќ состојбата на сите сообраќајници е нормализирана и утрово сообраќајот и јавниот градски превоз се одвивива нормално.
Од УХМР за денеска велат дека времето ќе биде променливо облачно, од пладневните часови нестабилно, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен дожд за кратко време, силен ветер, електрични празнења и услови за појава на град.
Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 26 до 32 степена. УВ=6.
Во Скопје променливо облачно, попладне нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 30 степени.
До петок ќе се задржи нестабилно време, претпладне претежно сончево, а во попладневните часови на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен дожд, силен ветер, електрични празнења и појава на град.