недела, 17. декември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Грција ќе ги информира ОН и НАТО за изјавите на турските функционери

Грција ќе ги информира ОН и НАТО за изјавите на турските функционери

Грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас ќе испрати писма до членките на Советот за безбедност, до генералниот секретар на ОН, како и до генералниот секретар на НАТО во врска со последните изјави од турските функционери, брифираат грчки дипломатски извори за медиумите во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Според истите информации, во писмата ќе бидат целосно цитирани изјавите на турските власти, а Дендиас ги информирал и европските партнери, вклучително и шефот на европската дипломатија Џозеп Борел, како и САД.

Од грчкото МНР во саботата соопштија дека Грција нема да ја следи тактиката на Турција, најавија дека ќе бидат информирани „сојузниците и партнерите за содржината на провокативните изјави од последните неколку дена, за да биде јасно кој ја поткопува кохезијата на Алијансата во особено опасен период“ и истакнаа дека ќе продолжат да функционираат „врз основа на правилата на меѓународното право и правото на морето, како столб на стабилноста и безбедноста за поширокиот регион“. (МИА)