недела, 14. јануари 2024. Вести денес: 0
home Скопје

Општина Аеродром презема конкретни чекори кон целосно искоренување на корупцијата

Општина Аеродром презема конкретни чекори кон целосно искоренување на корупцијата

Со анализа, препораки и соочување на мислењата на експертите и вработените во разни сектори од општинската администрација, Општина Аеродром презема конкретни чекори кон целосно искоренување на корупцијата.

Со таа цел, денеска во просториите на Општината се одржа обука за вработените, заснована врз истражувањата на експертски тим од претходните неколку месеци, како дел од заедничкиот проект „Создавање европска општина – политика на интегритет за 0 корупција“, а во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Правникот факултет „Јустинијан Први“ и Општина Аеродром.

Обуката ја отвори официјалниот претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Даниел Браун, кој ѝ се заблагодари на Општина Аеродром за заедничката иницијатива и Прирачникот за интегритет на Општина Аеродром „Создавање европска општина: Политика на интегритет за 0 корупција“. Тој нагласи дека суштински е проектот да биде реализиран во соработка со вработените во локалната самоуправа и како денес да се понуди соодветна обука. Граѓаните и локалната администрација се, всушност, даночни обврзници, од една страна, и оние што им нудат услуги на даночните обврзници, од друга страна. „Овој однос што постои на локално ниво се отсликува и на целата држава што се однесува до репутацијата и довербата кон државата и нејзините институции. Во локалната самоуправа лежи основата за развивање свест за правна држава и функционални институции. Локалната администрација е, всушност, првата слика и визит-карта на државата“, заклучи првиот човек на Фондацијата.

Во анализата и обуката се вклучија и професорите од Правникот факултет „Јустинијан Први“ – Александар Спасеновски, Ана Павловска-Данева и Константин Битраков. Во рамките на обуката експертскиот тим ги посочи ризиците, а предложи и мерки и активности за намалување на детектираните ризици. Обезбедување општина со нула корупција беше лична заложба на градоначалникот Тимчо Муцунски во кампањата на последните локални избори, а претставува клучен предуслов за функционална и ефикасна општина.

Правилата по кои функционират и работат функционерите во општината, вработените, администрацијата во општината мора да бидат насочени на тој начин за да обезбедуваат ефикасен систем на добро управување и добро владеење. Овој проект е сериозен симболичен почеток на еден нов начин и нов систем на функционирање на општините, којшто ние како општина сакаме да го наметнеме.