Русија насилно пресели стотици илјади Украинци, понекогаш во далечни области, откако изврши инвазија врз својот сосед, изјави денеска американската амбасадорка во Обединетите Нации (ОН), Линда Томас – Гринфилд, јави ДПА.
Новинари и организации за човекови права документираа преселувања откако започна војната, граѓани беа принудени да ја преминат границата во Русија, а други во области на Украина под руска окупација.
– Ние имаме докази дека Русите преселија стотици илјади украински државјани, вклучувајќи деца, изјави Томас – Гринфилд за американскиот радиодифузер Ен-пи-ар.
Како што таа појасни, „тие се испрашувани, приведени, насилно депортирани“.
– Некои се испратени до најоддалечените делови од источна Русија, близу севернокорејската граница, тие се пратени затоа што ова е обид на Русите да се поттисне отпорот, истакна таа.
Томас – Гринфилд побара да им се дозволи на ОН и на организации за човекови права пристап до кампови каде се држат преселени Украинци.
Москва ги карактеризира Украинците кои доаѓаат во Русија како бегалци кои се згрижени. (МИА)