четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Ковчегот со телото на кралицата Елизабета Втора положен во катедралата во Единбург

Ковчегот со телото на кралицата Елизабета Втора положен во катедралата во Единбург

Ковчегот со телото на кралицата Елизабета Втора е положен во катедралата Сент Џајлс во Единбург.

Поворката која тргна од палатата Холирудхаус ја предводеше британскиот крал Чарлс Трети, а со него беа и неговата сестра Ана и браќата Ендрју и Едвард, како и сопругот на принцезата Ана, вицеадмиралот Сер Тим Лоренс.

Во автомобилот зад нив беа кралицата сопруга Камила, и Софи, грофицата од Весекс, сопругата на принцот Едвард.

Неколку илјади луѓе и оддадоа последна почит на својата кралица по патот од палатата до катедралата.

Откако беше положен во катедралата, врз ковчегот беше поставена и круната на Шкотска.

Историски гледано, круната се користела во церемонии за да го претстави присуството на суверенот.

Круната ја постави Александар Даглас-Хамилтон, 16-тиот војвода од Хамилтон и ќе остане таму додека илјадници Шкоти ќе и оддаваат почит на починатата кралица.

Се очекува големи голем број луѓе да ја посетат катедралата, каде на ожалостените ќе им биде дозволено да поминат покрај ковчегот на кралицата до утре попладне.

На црковната служба за благодарност на кралицата во катедралата во Единбург присуствува и британската премиерка Лиз Трас, првата министерка на Шкотска Никола Старџен, како и претставници на советот, членови на вооружените сили, воени ветерани, судски и конзуларни функционери.

Има и претставници од различни шкотски добротворни организации на кои кралицата исто така беше покровител – како што се Chest Heart & Stroke Scotland, Royal National Mòd, Кралскиот шкотски национален оркестар и Шкотската фудбалска асоцијација.

Како што јави Би-Би-Си, меѓу присутните има луѓе од уметноста, спортот, службите за итни случаи и верски групи. (МИА)