Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на Алсат-М Телевизија изјави дека отворањето на бугарскиот клуб на фашистичкиот окупатор Цар Борис е тешка провокација, тоа е последица на прифатените отстапки од оваа Влада.
-Проблемот е што нас денеска од Охрид ни се случува типичен обид за асимилација, а тоа е Цар Борис Трети, културниот бугарски центар. Во Битола претходно ни се случи „Ванчо Михајлов“ се сеќавате тогаш имаше разни изјави од страна на Владата дека во Благоевград ќе никнел културен центар „Гоце Делчев“ или не знам како веќе се обидуваат да шпекулираат дека ќе има македонски културен центар, но од тоа ништо не се случи, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека не слушнал од Бугарија да се зборува за заеднички проект од патната инфраструктура, па да се добие голем грант од ЕУ, кога за тоа ќе се зборува и кога ќе се слушне од другата страна јасен став дека нема да се има намера да се занимава со историјата, бидејќи историјата не може да биде вечна за интегрирањето на Македонија.
„Јас ниту еднашка не видов од бугарска страна да зборуваме за тоа што е актуелно денеска, а тоа е изградба на новиот интерконектор помеѓу Македонија и Бугарија во делот Струмица – Петрич, па да се приклучиме на оној гасовод“, кажа Мицкоски.
Мицкоски потенцираше дека не гледа ништо добрососедство во тој Договор и ништо пријателско во тој Договор. Затоа тој вели дека процесот на Македонија наместо да биде интегрирање ќе стане процес на асимилирање и според него тој тоа не може да го прифати.
„Со бугарскиот договор процесот на интеграција на Македонија станува процес на асимилирање и тоа го гледавме во многу процеси изминатиот период, го гледаме и денес со отварањето на клубот со име на човекот кои ги предводел фашистичките окупатори во Македонија во време на втората светска војна и кој е најодговорен за егзодусот на многу македонски граѓани, македонски Евреи во станкционираните логори“, посочи Мицкоски.