Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини, ја искоментира ждрепката за Европското првенство (ЕП) кое ќе се одржи во 2024 година, а во кои квалификации Македонија доби пеколна група.
Нашиот национален тим ќе се судри со Италија, Англија, Украина и Малта. Првиот човек на мак-фудбалот во изјава за „Суперспорт“ кажа дека сите сме свесни дека се работи за многу тешка група, ама вели дека „Рисовите“ досега покажале многу пати дека знаат и можат да победуваат подобри екипи на хартија.
„Мора да уживаме во натпреварите, имаме добар тим, ќе се обидеме да го направиме невозможното. Јасно е дека Англија, Италија и Украина имаат огромен квалитет. Но, ние сме секогаш оптимисти и немаме што да загубиме против нив. Веќе еднаш ги победивме Италија и Германија на пример. Ќе се обидеме пак да победуваме посилни. Ќе биде уживање да се игра против двата финалисти од Европското првенство“, изјави Сејдини.