Американскиот помошник државен секретар за енергетика,Џефри Пајет, од денеска до 14 октомври ќе ги посети Бугарија, Романија и Турција, јави Нова ТВ, повикувајќи се на соопштение на Стејт департментот.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, во трите балкански земји Пајет ќе се сретне со официјални владини претставници и фактори од енергетскиот сектор со цел да се унапредат билатералните и комерцијални енергетски односи.
Во Бугарија, Пајет ќе се сретне со претставници на владата и приватниот сектор и ќе разговара за економските врски и координацијата во енергетската безбедност. За време на неговата посета на Балканот, Пајет ќе разговара за заедничките напори за зајакнување на европската енергетска безбедност, намалување на зависноста на Европа од руските фосилни горива и продолжување на транзицијата со чиста енергија.
Во Истанбул, тој ќе учествува на регионалниот форум за перспективите за чиста енергија организиран од Атлантскиот совет.
Во Букурешт,пак, неговите средби ќе бидат поврзани со соработката во користењето на нуклеарната енергија за цивилни цели и 25-годишнината од стратешкото партнерство меѓу САД и Романија. (МИА)