недела, 31. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Брод кој тоне, а сите ние во него!

Брод кој тоне, а сите ние во него!

На моменти ме плаши оваа општа смиреност во јавноста, иако е повеќе од очигледно дека се врие. Нема протести, нема блокади, нема демонстрации, дури и нема нервозни и хистерични јавувања по медиумите, како што неретко има.

Впечатокот е дека се таложи бес и омраза кај народот за се што се случува, а не се гледа спас на повидок. И кога секој смета нека не може да оди подолу и полошо, државата најавува намалување на платите, онаму каде што ќе оценеле дека биле превисоки. Во време на криза, во време на неразумна инфлација, во време на недостаток на енергенси и пред почеток на зима, Владата најавува намалување на платите за тие на кои таа ќе оцени дека земаат премногу. Генијално! Државата и институциите не прекинуваат со нови вработувања, не престануваат со ангажирање на хонорарци и времени вработувања, ама ќе ги дисциплинира оние постоечките во институцииите. Браво!

Ова ме потсетува како моментот со штедењето. Штедење струја, штетење светло, опрема и било што, но од друга страна има дневници, има хонорари, има репрезентација, има службени возила дење ноќе, па и приватно, има за бензин… малку е лицемерно, нели? Како тоа во период на штедење и резови, буџетите и трошоците растат, а продуктивност не се гледа? Можеби е до стратегијата, плановите, каузата, можеби е и неспособност, или едноставно крадење и разградување на државата. Секој гледа да однесе што е можно повеќе, токму во време кога гледа дека е на брод кој тоне, а самиот е во него.

Жителите на Скопје, барем оние од урбаниот дел, пред се Аеродром, Кисела Вода, Центар и Карпош, кои се на централно греење, се прашуваат дели ќе има парно. Истото треба макар пробно да почне од ова сабота. Наплатата на сметки за оваа сезона веќе испорача две сметки за плаќање, преку БЕГ, фирмата која нели веќе нема лиценца. Добивме и поскапување. Регулаторна комисија вели било 14 отсто, мојата сметка вели дека е 25 отсто. Обична математика, а станот ниту ми пораснал, ниту имам нови ребра радијатори. Парното и сметките за струја кои следат, покажат уште колку актуелната власт ќе остане.

Во време во кое се поскапува, во време во кое секој ден ве изненадува покачување на буквално се, имате контрадикторност каде Премиерот најавува намалување на плати, а истовремено најавува покачување на минималната плата на пролет. Очигледно, идејата е еден ден огромното мнозинство од народот да зема иста плата, без оглед каде и што работи!

Ваков распад систем, јас не паметам кога последно имавме. Дури и со двете кризи 2007 и 2010, па и со демонстрациите 2015 и 2016, дури ни со 2001, и годините потоа, кога заздравувавме, ниту со косовската криза во 1999. Ова повеќе ме асоцира на детството и транзициските години, во средината на 90тите. Кога луѓе губеа работа, кога секојдневно се користеше она „ќути да не те земе некој на пик“, кога се богатеше мала група луѓе, кога се распродаваше државата на матни странски инвеститори, од кои ништо добро не видовме. Се раскрчми и распродаде имотот, луѓето останаа без работа. Само малку фирми опстанаа и останаа продуктивни по тој некаков странски менаџмент.

Капак на се е она што ни се случува со квази преговорите со ЕУ, кои без оглед колку и да се посакуваат, нема да се случат и само се глуми дека нешто се прави, а се тапка во место. Она што се дозволи, да условите на Бугарија бидат основа за почеток на преговори, само дополнително ја внесува целата држава во криза. Земајќи го во предвид ставот на мнозинството од народот, но и оној на опозицијата, за власта има две опции.

Или да се оди на избори во кои сите оние кои се против овој катастрофален „дил“ власта да ги сатанизира дека се про руски и анти ЕУ, иако во Собранието анти ЕУ партии и пратеници нема (има двајца анти НАТО, а во НАТО веќе влеговме).

Втората опција им е да почнат со притисоци, репресија или купување пратеници како пред некоја година. Оваа опција им е помалку веројатна, затоа што други се структурите, други се пратениците, а истата шема два пати не проаѓа.

Власта ја изгуби шансата пролетва евентуално оваа есен да се обиде да преживее и спаси што може. Цврстата агенда дека ќе тераат до 2024та и дека ќе има истовремено претседателски и парламентарни, само прави и поголем револт. После досегашните најави за жешка пролет, жешко лето и жешка есен, очигледно ќе дојде жешка зима, овој пат предизвикана од студ и немаштија!

Наравоучение: Кога тоне бродот, се делува смирено и достоинствено. Се работи за народ, за да се остави простор некогаш повторно да се вратите. Силење, покажување чалам, ароганција, распродавање на се живо и неразумни и нелогични тендери и договори, обично се удираат од глава.

Она што Западот ви го најавува дека борбата и справувањето со корупцијата, непотизмот и сивата економија е приоритет. Се ми е јасно како успевате ова да го заобиколите или да мислите дека со распродавање на македонскиот национален интерес ова некој некогаш ќе ви го прости? Претпоставувам по логиката „Како до сега!“.

Александар Ристевски

Најнови вести