Ирански официјален претставник потврди дека неколку средношколци уапсени за време на протестите биле испратени во кампови за превоспитување за да го „едуцираат и корегираат“ нивното однесување откако биле приведени за време на антивладините протести по смртта на една млада жена во притвор за наводно погрешно носење марама.
Министерот за образование Јусеф Нури за весникот „Шарг“ на 11 октомври изјави дека учениците биле испратени во кампови, кои ги нарече „психолошки центри“, за да се спречи да се претворат во „антисоцијални луѓе“.
– Немаме ниту еден ученик во затвор, а доколку бидат приведени, тие се испраќаат во психолошки центри каде стручни лица ја вршат својата работа за да можат учениците да се вратат во училишната средина откако ќе се реформираат, рече тој.
Смртта на 22-годишната Махса Амини се случила додека била во притвор откако била приведена од таканаречената морална полиција. Сведоците велат дека Амини била претепана, додека полицијата соопштила дека таа починала од болест, иако не се обезбедени докази за да го поткрепат тврдењето, пренесува Радио Слободна Европа.
Смртта на Амина на 16 септември предизвика антивладини протести низ целата земја, со многу видеа на кои се гледаат студенти и тинејџери како мавтаат со шамии и извикуваат антивладини слогани.
Во последните денови имаше извештаи за апсење ученици во училиштата, а се појавија и снимки на социјалните мрежи кои покажуваат дека некои тинејџери демонстранти биле нападнати од безбедносните сили. На 12 октомври повторно беа пријавени протести во градовите Техеран, Карај, Машхад, Исфахан, Шираз и Рашт. (МИА)