Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска рече дека Хрватска ќе учествува во обуката на украинските војници преку мисијата на ЕУ и го осуди фактот дека претседателот Зоран Милановиќ и „неговите трабанти“ се против тоа бидејќи хрватските војници исто така биле обучени од странски инструктори во Татковинска војна.
„Хрватска доброволно преку владините одлуки со месеци ја поддржува Украина и тоа политички, дипломатски, финансиски, економски, хуманитарно и со испраќање воена помош“, рече Пленковиќ на почетокот на владината седница.
„Ако некој од овие бојкотирачи, критичари и проруски политичари во Хрватска го заборавил тоа, би било добро да се освестат“, додаде премиерот Пленковиќ.
Милановиќ во вторникот рече дека не ја поддржува обуката на украинските војници на хрватска територија, бидејќи тоа би значело заплеткување на Хрватска во војната во Украина, повеќе од што е потребно. Тој најави и дека ќе ја блокира ваквата одлука, доколку биде донесена.
Пленковиќ изрази „згрозеност од реакциите на претседателот на Република Хрватска, а уште повеќе од неговите поддржувачи во хрватскиот Парламент, кои во суштина ги разоткриваат своите проруски ставови“.
Премиерот Пленковиќ не кажа како планира да го заобиколи противењето на хрватскиот претседател за обука на украински војници на хрватска територија, бидејќи во случај на негово вето, за таква одлука му треба двотретинско мнозинство во Парламентот. (МИА)