САД разгледуваат опции да испратат во Украина од постарите системи за противвоздушна одбрана „HAWK“, како поддршка во одбраната од нападите со руски беспилотни летала и крстосувачки ракети. Тоа за западни медиуми го изјавија двајца американски претставници кои инсистирале на анонимност.
Ракетите-пресретнувачи „HAWK“ би биле надградба на ракетните системи „Стингер“ – рачните ракетни противвоздушни системи со мал дострел – какви што САД веќе им доставија на украинските сили по руската инвазија.
Администрацијата на Бајден би искористила претседателски можности – да префрлаат одбранбена опрема без одобрение од Конгресот – за да се пренесе опремата „HAWK“, втемелена врз застарена технологија од времето на Виетманската војна, но неколкупати потоа надградувана.
Засега во западните медиуми не се споменува колку системи и проектили „HAWK“ САД имаат на располагање за испорака. Белата куќа засега нема коментар по информациите.
Системот „HAWK“ е основа врз која подоцна е изработен ракетниот одбранбен систем „Патриот“, што засега не е на листата опрема предвидена за испорака за Украина.
Американскиот претседател Џо Бајден му вети на украинскиот претседател Володомир Зеленски дека Вашингтон ќе и обезбеди на Украина напредни системи за ПВО по разорните ракетни напади на руските сили претходно овој месец. (МИА)