Големата награда на Мексико останува дел од календарот на Формула 1 и во следните три години, откако Ф1 објави дека е продолжена соработката до 2025 година.
Во пресрет на гранприто викендов во Мексико сити, каде се очекува 350.000 луѓе во три дена од утрешните слободни квалификации до неделната трка е потпишан договорот за продолжување на соработката, а откако во 2015 година повторно се врати тркањето во Мексико, настанот е исклучително популарен со просек од 300.000 гледачи на гранпри викендите.
„Многу сум среќен што ја продолживме соработката и што болидите ќе се тркаат во Мексико и во следните три години. Секоја година е сè повозбудливо, навивачите се страстни, сè повеќе има навивачи на трките“, рече првиот човек на Ф1, Стефано Доминикали.
Мексиканското гран-при се врати во календарот на Ф1 во 2015 година, а во 2019 година беше продолжена соработката, но немаше трка во пандемиската 2020 година и од 2021 повторно болидите се тркаат на патеката во Мексико Сити.