Според податоците на веб-страницата AirVisual, Белград повторно е на врвот на светот по загаденост на воздухот. Главниот град на Србија утрово е во црвената зона по загаденост на воздухот, густа магла може да се забележи во речиси сите делови на градот и е трет најзагаден град во светот, јави дописникот на МИА од Белград.
Само жителите на вториот по големина град во Пакистан, Лахоре и во главниот град на Индија, Њу Делхи, дишат позагаден воздух од жителите на Белград.
Квалитетот на воздухот во Белград на веб-страницата AirVisual е оценет како нездрав, со индекс на квалитетот на воздухот од 169. За најпроблематична загадувачка супстанца се препознаени ПМ2,5 честичките, чија количина ја надминува границата поставена од Светската здравствена организација за 17,9 пати.
Белград е единствениот европски град кој моментално е меѓу десетте најзагадени во светот. По Белград, по загаденост следат Мумбаи (Индија), Џака (Пакистан), Дубаи (Обединети Арапски Емирати), Шангај (Кина), Кувајт (Кувајт), Карачи (Пакистан) и Калкута (Индија).
Податоците на Агенцијата за заштита на животната средина покажуваат дека воздухот е загаден и во Чачак, Зајечар, Нови Пазар и Велики Црљени.