петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Подољак: Пропадна руската уцена со извозот на житото

Подољак: Пропадна руската уцена со извозот на житото

Русија се врати на договорот за извоз на жито од Украина бидејќи сфати дека иницијативата ќе функционираше и без учеството на Кремљ, изјави денеска советникот на украинскиот претседател Михаило Подољак.

Во писмена изјава за Ројтерс, пренесува Хина, Подољак наведува дека одлуката на Москва покажува дека руската „уцена“ и „ескалација и закани“ не успеваат кога ќе наидат на решителен одговор.

-На овој или оној начин Русија осрамотена се врати на иницијативата за житото, бидејќи се покажа дека коридорот за жито ќе функционираше и без учество на Кремљ, рече Подољак.

– Тоа покажува само едно: Русија е секогаш инфериорна во однос на оние кои се посилни, оние кои знаат да удрат, оние кои силно ја аргументираат својата позиција, додаде советникот на украинскиот претседател.

Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека Русија ќе продолжи да учествува во договорот за извоз на жито.

– Руската Федерација смета дека моментално добиените гаранции изгледаат доволни и продолжува со спроведувањето на договорот, соопшти Министерството за одбрана.

Русија за време на викендот соопшти дека се повлекува од договорот за извоз на житото по, како што наведе, големиот напад со беспилотни летала врз бродови во пристаништето Севастопол, во анектираниот полуостров Крим.(МИА)