Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за оштетување на инфраструктурата откако денеска почнаа со серија бомбардирања од двете страни.
Руските сили пукаа врз еден град во провинцијата Запорожје, изјави Кирил Тимошенко, заменик-шеф на претседателската канцеларија. Во нападот, според него, е убиено едно лице и уништени се 16 објекти од цивилната инфраструктура.
Има информации и дека „руски терористи“ пукале во пограничниот регион Суми, при што едно лице загинало, а друго е рането.
Властите на Доњецк, градот што е под руска контрола, пријавиле штета на седиштето на железничката управа. Според достапните фотографии, во тешко оштетената зграда избувнал пожар, а засега нема информации за евентуално повредени лица.
Тензиите се високи и во регионот Херсон, каде што според Кирил Стремусов, функционер кој е назначен од окупаторските руски сили, украинските сили веќе петта недела ги концентрираат своите трупи.
-Напорите за евакуација се во тек, особено за луѓето кои не можат да заминат со свои сили, додаде Стремусов, кој кажа и дека засега нема промени на првите борбени линии.
Заземањето на градот и регионот Херсон повторно е клучна цел на Украина во борбата за враќање на одземените територии и бркање на агресорот.