Македонската фудбалска репрезентација во Скопје ја очекуваат два контролни натпревари, против Финска утревечер од 18 часот и против Азербејџан, в недела со почеток во 14 часот на Националната арена „Тодор Проески“.
Репрезентативниот капитен Стефан Ристовски посочи дека и покрај физичкиот замор од згуснатиот календар, пристапот кон двата претстојни дуели ќе биде најпрофесионален.
-Дали чувствуваме замор од сезоната? Да, особено јас во Динамо имав многу натпревари почнувајќи од јуни. Но, можеби за некои играчи кои имаат слаба минутажа ќе дојдат добро. Не треба да бараме алиби, треба сите да сонуваат да играат за репрезентацијата која е светост. Овие два натпревари треба да ги одработиме на најпрофесионален начин и верувам дека тоа ќе го направиме. Приоритет на секој играч е да се победи, особено кога се игра за репрезентацијата. Не познавам некој играч кои сака само да впише минутажа. Без разлика на минатите резултати, секој меч ни е добредојден и низ вакви натпревари да се крене самодовербата. Многу е лесно да се изгуби самодоверба, но тешко е да ја добиеш. Затоа се потребни вакви натпревари, рече Ристовски.