среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

ОПЦВ: Војната во Украина го зголемува ризикот од употреба на хемиско оружје

ОПЦВ: Војната во Украина го зголемува ризикот од употреба на хемиско оружје
Руската инвазија на Украина ја зголеми заканата од употреба на оружје за масовно уништување, вклучително и хемиско оружје, изјави денеска шефот на Организацијата за забрана на хемиско оружје – ОПЦВ (OPCW), Фернандо Аријас.

На годишниот состанок на ОПЦВ, тој додаде дека Организацијата внимателно ја следи ситуацијата во Украина.

„Ситуацијата во Украина повторно ја зголеми реалната закана од оружје за масовно уништување, вклучително и хемиско оружје“, рече Ариас на состанокот во седиштето на организацијата во Хаг, нагласувајќи ја важноста на единството на меѓународната заедница во соочувањето со заедничките глобални предизвици поврзани со мирот и безбедноста.

Меѓународните организации за разоружување како ОПЦВ, која ја доби Нобеловата награда за мир во 2013 година, „станаа места на конфликти и несогласувања“, рече тој.

Аријас ги потсети Русија и Украина дека се меѓу 193 земји кои „свечено и доброволно се обврзаа дека никогаш, под никакви околности, нема да развиваат, произведуваат, набавуваат, складираат, транспортираат или користат хемиско оружје“.

Тој потсети дека ОПЦВ и обезбеди на Украина, на нејзино барање, обука на луѓе за итна интервенција во случај на хемиски напади. (МИА)