Економските фундаменти се силни додека властите преземаат соодветни мерки за справување со ефектите од надворешниот шок. Јавните финансии се здрави, a јавниот долг е одржлив, што е утврдено со ригорозна и систематска анализа на одржливост на долгот, се наведува во извештајот на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), која ја оценуваше земјава за пристап до Линијата за претпазливост и ликвидност, која и беше доделена на земјава. Станува збор инструмент кој се доделува само на економии кои спроведуваат здрави економски политики, а со кој на земјава и се ставаат на располагање околу 530 милиони евра во период од две години.
Како што се наведува во извештајот на Мисијата, властите спроведуваат здрави економски политики и остануваат посветени на спроведување на вакви политики и во иднина. Тие посочуваат дека реакцијата на Владата за ублажување на ефектите од пандемијата била навремена и соодветна. Се наведува и дека Владата продолжува со силен одговор на шоковите од тековната криза, која заостри со почетокот на војната во Украина и растот на цените на примарните производи.
Споредено со останатите економии во развој и земјите од Западен Балкан, нашата земја има добри резултати кај индикаторите за владеење, како ефективност на владата, квалитетот на регулативата и владеењето на правото согласно Светските индикатори за владеење (Worldwide Governance Indicators). Интегрирањето кон Европската Унија дополнително ќе ги засили реформскиот процес, се наведува во извештајот.
Како што информираат од Министерството за финансии, фискалната рамка е дополнително зајакната со усвојувањето на новиот Закон за буџети кој претставува фискални правила и основа за значително подобрување на буџетскиот процес, посочува Мисијата на ММФ. Исто така, Владата спроведува акциски план по основ на препораките на ММФ од Оценката за управувањето со јавните инвестиции (ПИМА).
Во извештајот на ММФ се истакнува дека јавните финансии се здрави, вклучувајќи го и јавниот долг. Пред пандемијата фискалниот дефицит во просек изнесувал 2,5 проценти од БДП, за време на пандемијата се зголемил на осум проценти како резултат на мерките за справување со кризата, додека во 2021 година е намален на 5,5 проценти од БДП. Мерките кои беа преземени за справување со кризата предизвикана од високите цени на храната и енергенсите се очекува да придонесат дефицитот во 2022 да изнесува 5,25 проценти. Се наведува и дека властите подготвуваат фискални мерки со кои фискалниот дефицит ќе се намали на 3,4 проценти од БДП до 2024 година, како и дека Владата е посветена да продолжи со фискалната консолидација и понатаму, согласно со лимитот од три проценти од БДП, кој е поставен со новиот Закон за буџети. Мисијата го оценува долгот како одржлив и се очекува на среден рок тој да почне да се намалува и да остане под ризичната граница.