Самитот на американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин ќе се одржи утре во финската Претседателска палата.
Тоа е зграда од 19 век, со поглед на Балтичко Море, која некогаш била резиденција на руските императори во Финска.
Како домаќин на состанокот, финскиот претседател Саули Нинисте ќе има билатерални средби со двајцата гости. Пред самитот, тој официјално ќе ги поздрави Путин и Трамп.
Билатералните разговори меѓу Трамп и Путин ќе се одржат во Готската сала на Претседателската палата, по што во Салата на огледала ќе биде организиран работен ручек со повеќе членови од делегаците.
Шефовите на дипломатите од двете земји, Сергеј Лавров и Мајк Помпео, исто така ќе имаат билатерална средба.
Предвидено е во попладневните часови Трамп и Путин да одржат заедничка прес-конференција.
Лидерите на двете суперсили на средбата ќе разговараат за многу теми меѓу кои се ситуацијата на Блискиот Исток, Сирија, Иран, Украина, наводното руско мешање во изборите во САД, како и ситуацијата во која се наоѓаат нуклеарните договори.
Самитот во Хелсинки ќе биде четвртиот состанок на претседателите Трамп и Путин од инаугурацијата Трамп во јануари 2017 година.