понеделник, 29. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Белгиски државјанин осуден на 28 години затвор во Иран

Белгиски државјанин осуден на 28 години затвор во Иран

Иран денеска осуди 41 годишен белгиски државјанин на 28 години затвор.

Белгиецот Оливие Вандекастеле е хуманитарен работник кој веќе со месеци е во притвор во Техеран. Денеска иранскиот суд го осуди на 28 години затвор, според неговото семејство.

Семејството вели дека било информирано за веста од страна на белгискиот премиер, Александер Де Кро и министерот за правда, Винсент Ванквикенборн. Кабинетот на министерот за правда на Белгија вети дека утре ќе даде одговори пред парламентарците во комисијата за правда.

Белгиската влада соопшти дека „прави сѐ“ да најде начин да го врати 41 годишниот Белгиец дома, но семејството бара одлучни мерки, посебно откако белгискиот уставен суд укина Повелба потпишана со Техеран која ќе овозможеше трансфер на Вандекастеле. Судот оцени дека текстот треба да биде суспендиран додека не се направи детаљна анализа за неговата уставност.

Според семејството на Белгиецот нема информации за содржината на обвинителниот акт на Техеран против Вандекастеле. Тие алармираат дека тој има тешки здравствени проблеми, нема право да избере адвокат, и веќе еден месец штрајкува со глад.