недела, 12. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Во Перу прогласена вонредна состојба по еднонеделните протести поради смената на претседателот Кастиљо

Во Перу прогласена вонредна состојба по еднонеделните протести поради смената на претседателот Кастиљо

Перуанскиот министер за одбрана денеска прогласи вонредна состојба на национално ниво, која ќе стапи на сила во следните неколку часа, со што на војниците им се дозволува да и помогнат на полицијата да ја одржува јавната безбедност, една недела по масовните протести и блокади на патиштата.

Протестите избија откако перуанскиот Конгрес на 7 декември го отповика претседателот Педро Кастиљо.

Левичарскиот претседател, избран во 2021 година, беше уапсен откако незаконски се обиде да го распушти Конгресот, што беше последна во серијата политички кризи во земјата во последниве години.

Обвинителите денеска соопштија дека бараат 18 месеци затвор за Кастиљо, кој е обвинет за бунт и заговор.

Врховниот суд на Перу се состана за да го разгледа барањето, но подоцна ја прекина седницата до утре.

По неговото отповикување потпретседателката Дина Болуарте, стана претседател на Перу.

Политичкиот пресврт предизвика делумно насилни протести низ целата земја на Андите, особено во руралните и рударските региони кои го доведоа поранешниот земјоделец и учител на власт минатиот јули.

Перуанските власти соопштија дека во судирите со полицијата досега загинаа шест лица, од кои повеќето се тинејџери. Сите загинаа од прострелни рани, наведуваат групите за човекови права.

Демонстрантите во текот на изминатата недела блокираа автопатишта, запалија неколку згради и влегоа на аеродромите.

-Се договоривме да прогласиме вонредна состојба низ целата земја поради вандализмот и насилството, изјави министерот за одбрана Алберто Отарола.

„Тоа бара силен одговор од владата“, рече тој, додавајќи дека тоа значи суспензија на одредени слободи, вклучително и правото на собирање, неповредливоста на домот и слободата на транзит.

Болуарте, обраќајќи се од претседателската палата, повика на мир, нагласувајќи дека „не можеме да водиме дијалог додека има насилство“.

Претседателката кажа и дека изборите ќе ги помести за декември 2023 година, откако претходно рече дека ќе се одржат во април 2024 година. Редовните избори требаше да се одржат во 2026 година по завршувањето на мандатот на Кастиљо.