Премиерот Димитар Ковачевски се согласува со визијата на претседателот Стево Пендаровски за иднината на државата, но не сака да го коментира неговиот вчерашен говор во Собранието ниту пак делови од него.
-Во однос на делови од излагање на претседателот не би сакал да го коментирам бидејќи се работи за обраќање на претседателот, меѓутоа можам да кажам дека со визијата за Северна Македонија како европска држава во која што владее европски просперитет, во која што владее социјална правда, редот и правдата и во којашто владее врвна демократија а тоа е земја членка на ЕУ се согласувам исто како претседателот, рече на прес-конференција Ковачевски.
Не ги коментирам никогаш изјавите на кој било друг политичар, истакна премиерот, додавајќи дека може да каже само негов личен став. Сепак, рече дека и Пендаровски, како и тој, кои се врвните приоритети.
-Прво претседателот имаше државничко обраќање на собраниската во кое што направи ретроспектива на она што како држава го имаме постигнато, на големите одлуки што ги имаме донесено, на контекстот во кој функционираме во услови на голема енергетска и економска криза и на предизвиците со кои државата се соочува во иднина а со цел полноправно членството во ЕУ, после полноправното членство во НАТО. И тој истакна исто како што и јас истакнувам дека врвен приоритет е владеењето на правото, борбата против корупцијата, транспаретноста, отчетноста и одговорноста од секој аспект во цела држава треба да важи за сите институции,согласно законите. Јас секогаш сум се воздржувал од коментирање на другите власти како што е законодавната, судската, па и локалната власт итн, рече Ковачевски.