„Поминаа пет месеци од несреќата и се уште не можам да си објаснам како се случи тоа. Сите сме потресени бидејќи вашите деца се првите две жртви планинари за коишто јас знам дека настрадале на Кајмакчалан. Имало повредени скијачи, ловџии, планинари, но ова е прв пат некој да го загуби животот во планинарска тура“.
Со овие зборови, изразувајќи сочувство, непосредниот сведок на настанот, инаку вработен во скијачкиот центар Ворас, ги пречека родителите на планинарите Калина Велевска и Александар Миновски, кои зимава настрадаа при искачувањето на Кајмакчалан.
После пет месеци од трагедијата, родителите го посетија местото на несреќата, во обид да добијат дел од одговорите на прашањата кои ги мачат изминатиов период, а кои за жал, остануваат заплеткани во инертната процедура на надлежните институции, објавува „Нова Македонија“.
Средбата со домаќинот на родителите се одржала во селота Панагица, сместено на падините на Кајмакчалан од грчка страна.
-Оваа слика што ја видовте сега горе е сосема поинаква од она што се случуваше на 10 февруари. Тој ден беше најлош во последниве 25 години, такво невреме не се памети во нашиов крај. На групата и беше укажано од самиот почеток кога дојдоа во Скијачкиот центар дека не треба да се качуваат нагоре бидејќи временските услови се исклучително лоши, но таквите апели беа игнорирани – објаснуваше тој, додавајќи дека групата имала некаква импровизирана радио врска која воопшто не била прикладна за местото и условите.
Ако се има во предвид дека и мрежната покриеност на мобилните трелефони е слаба околу врвот на планината, тогаш станува појасно зошто комуникацијата на настраданите со спасителите не била на нивото кое го бара една таква ситуација.
-Тој ден како се да беше свртено против исчезнатите деца. Најнапред доцна ја добивме информацијата дека планинарите се исчезнати, затоа што во такви временски услови секоја минута е драгоцена. Воедно, времето беше исклучително лошо, паметам како сега да се случува. По добивањето на веста дека треба да се бараат децата на врвот, тргнав со ратракот нагоре, но во еден момент морав да застанам бидејќи ја изгубив ориентацијата, толку беше намалена видливоста. Излегов од кабината а скијачките очила веднаш ми замрзнаа. Кога ги симнав, ветерот го носеше снегот во моите очи како замрзнати иглички и речиси не можев ништо да видам. Со последни сили го здогледав едниот од столбовите на ски-лифтот, па тргнав во тој правец да се ориентирам – продолжува сведокот, кој се потсетува и на фактот дека наспроти поголемиот број волонтери но и професионални спасители кои тој ден се собраа во Ворас, само еден од локалните познавачи на планината, инаку лиценциран планински водич, по име Панајотис успеал да се симне до настраданите.
Целата сторија, погледнете ја на НОВА МАКЕДОНИЈА