четврток, 4. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Шпанија објави трет пакет мерки за поддршка на граѓаните

Шпанија објави трет пакет мерки за поддршка на граѓаните

Шпанија го објави третиот пакет мерки за поддршка на граѓаните вреден десет милијарди евра, за ублажување на влијанието на инфлацијата, со што вкупната државна помош од почетокот на годината достигна 45 милијарди евра.

Шпанија, како и другите европски земји, се бори против инфлацијата и кризата дополнително влошена поради влијанието на војната во Украина врз цените на енергенсите.

„Пакетот вклучува еднократен бонус од 200 евра за околу 4,2 милиони домаќинства со годишен приход до 27 илјади евра и продолжување на даночните кредити за сметките за енергија во првата половина на следната година“, рече премиерот Педро Санчез на новинарите.

Пакетот помош е третиот по ред по сличните мерки од март и јуни, кои вклучуваа директна помош, даночни намалувања, поволни заеми и контрола на станбените трошоци.

Тие мерки, заедно со договорот што Шпанија го потпиша со Европската унија (ЕУ) за ограничување на цената на гасот за производство на електрична енергија, постигнаа одреден успех.

Инфлацијата во Шпанија минатиот месец се задржа на 6,7 отсто на годишно ниво, што е најниска стапка во рамки на ЕУ.

Забавувањето на инфлацијата беше поддржано од остриот пад на цената на струјата, која во ноември поевтини за 22,4 отсто во однос на претходната година.

Сепак, цените на храната кои се зголемија за 15 отсто во текот на октомври и ноември во споредба со претходната година, продолжуваат да вршат притисок врз семејните буџети на Шпанците. (МИА)