петок, 17. ноември 2023. Вести денес: 0
home Ракомет

Унгарија имаше неверојатен пресврт против Исланд, Полска го претрпе и вториот пораз на СП

Унгарија имаше неверојатен пресврт против Исланд, Полска го претрпе и вториот пораз на СП

Се комплетираше и второто коло од групите А, Б, Ц и Д од прелиминарната фаза на Светското ракометно првенство во Полска и Шведска.

Шпанија веќе се пласираше во главната фаза откако ја забележа и втората победа во групата „А“ против Чиле со 34:26. За „црвената фурија“ А. Дујшебаев беше прв стрелец со шест голови, а за Јужноамериканците Фојчман имаше осум погодоци. На табелата во групата „А“ води Шпанија со четири бодови, пред Црна Гора и Иран по два, а Чиле нема ниту еден.

Полјаците го претрпеа и вториот пораз на Мундијалот, пред своите навивачи во Катовице загубија од Словенија со 32:23. Словенците беа предводени од Доленец (седум голови), а кај домаќините најефикасен беше Морито (шест). На табелата во групата „Б“ Словенија и Франција имаат по четири бодови, додека за третата позиција и пласман во главната фаза ќе играат Полска и Саудиска Арабија.

Шведска ја оправда фаворитската улога против Зеленортските острови (34:27) најмногу благодарение на Ване (пет голови). На спротивната страна доминираа Ландим и Морено со по шест погодоци. На табелата во групата „Ц“ Швеѓаните имаат четири бодови, по два Бразил и Зеленортски острови, а Уругвај е без бодови.

Унгарија триумфираше со 30:28 против Исланд во натпревар одигран во Кристианстад. Во поголемиот дел од мечот Исланѓаните го контролираа резултатот и се најавуваше нивна нова победа на СП. По првото полувреме имаа предност од 17:12, во вториот дел четирипати доаѓаа и до позитива од „плус шест“. Последната таква беше 25:19 на семафорот, но Унгарците не се предадоа и до крајот на мечот постигнаа 11, а примија само три голови.

Во победничките редови Анчин постигна шест голови, а за Исланд Елисон запиша девет. На табелата во групата „Д“ Унгарија има четири бодови, по два Португалија и Исланд, а ниту еден Јужна Кореја.

фото: EPA-EFE/Johan Nilsson