четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Ракомет

Лекција од Зорман за учителот Вујовиќ, Бразил со седмерец до реми против Португалија

Лекција од Зорман за учителот Вујовиќ, Бразил со седмерец до реми против Португалија

Во првото соочување на Веселин Вујовиќ против неговото минато, Иран убедливо загуби од Словенија со 21-38 (9-20) во првиот натпревар од главната групна фаза во Краков. Поранешниот асистент на Вујо, Урош Зорман уште еднаш покажа дека сложи одлична хемија во тимот и Словенија е фаворит од сенка за четвртфинале.

Од самиот почеток Словенците започнаа сериозно, играа цврста одбрана пред Лесјак и постигнуваа лесни голови од транзиција. Јанц и Мацковчек се издвоија, но полека иранската мрежа ја полнеа и Доленес и Макуц. На одмор се замина со високи 9-20 за словенечкиот тим. Во второто полувреме се играше по исто сценарио, шанса добија сите словенечки ракометари и ја крунисаа добрата партија со победа од 21-38.

Најефикасни кај селекцијата на Словенија беа Макуц со шест и Јанц и Влах со по пет гола, додека во иранскиот табор се издвоија Садехзадех и Ораеи со по четири погодоци.

Во групата во Шведска, Португалија и Бразил играа без победниј – 28-28 (12-11). Португалците цело време водеа, дури и ја прославија за победа од 28-27, но судиите Бонавентура по прегледувањето на снимката, по истекот на времето покажаа седмерец, кој „кариоките“ го реализираа и освоија значаен бод.

Во репрезентацијата на Португалија најефикасен беше Ареја со седум гола, додека кај Бразил одличен натпревар одигра Дупуа, автор на девет погодоци.

извор: gol.mk