Претседателот на Светската автомобилска федерација (ФИА), Мохамед Бин Сулејем, најави дека од почетокот на новата сезона нема да има директно влијание на Формула 1, објави денеска Би-Би-Си.
Потегот на Бин Сулејем следи по низата контроверзии откако стана претседател на управното тело на ФИА во декември 2021 година.
Во писмото испратено до тимовите, Бин Сулејем изјавил дека „целта е да се биде неизвршен претседател кој ќе управува со регрутирањето на група професионални менаџери“.
И покрај тоа што Бин Сулејем се кандидираше за избори со ветување дека ќе биде неизвршен претседател, тој презеде директна улога во Формула 1 во текот на изминатата година.
Помеѓу контроверзните одлуки донесени од Бин Сулејем се издвојуваат: најавата дека на возачите на Ф1 ќе им биде забрането да изразуваат лични мислења без дозвола на ФИА, како и неодамнешната изјава дека Формула 1 се преценила себеси со објавувањето дека вреди 20 милијарди долари.