петок, 24. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Генералната директорка на УНЕСКО бара построга регулација на социјалните мрежи

Генералната директорка на УНЕСКО бара построга регулација на социјалните мрежи

Генералната директорка на УНЕСКО, Одри Азуле денеска повика на глобален дијалог за да се најде начин да се регулираат активностите на компаниите кои поседуваат социјални мрежи и да се ограничи нивната улога во ширењето дезинформации.

Азуле зборуваше на меѓународен собир на парламентарци, новинари и активисти на граѓанското општество за регулирање на социјалните мрежи како што е Твитер за да се направи интернетот побезбеден, а информациите засновани на факти.

Дводневната конференција се обидува да постави насоки кои ќе им помогнат на регулаторните тела, владите и компаниите да се справат со содржината што ја поткопува демократијата и човековите права, истовремено зачувувајќи ја слободата на изразување и зајакнување на пристапот до точни и веродостојни информации.

Азуле изјави дека глобалниот дијалог треба да резултира со правни средства и принципи на одговорност за компаниите кои поседуваат социјални мрежи со цел тие да дејствуваат за јавното добро.

– Тоа би ги намалило ризиците што ги гледаме денес, со кои живееме денес, со дезинформации и теории на заговор кои се шират побрзо од вистината, рече таа.

Минатата година, Европската унија донесе регулатива која ќе ги принуди големите технолошки компании како Гугл и Мета построго да ги регулираат своите платформи, со цел да ги заштитат корисниците во Европа од говор на омраза, дезинформации и штетна содржина.

Регулативата за дигитални услуги е еден од трите главни европски прописи насочени кон технолошката индустрија.