„Ако се навратиме барем во изминатите 4-5 години, Македонија секогаш е во некаков вид на криза, било да е економска, енергетска, здравствена, социјална, образовна, безбедносна, надворешна, финансиска. Република кризна Македонија сме ние со СДСМ и ДУИ на власт“, истакна Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа телевизија.
Митева додаде не ја изненадува желбата на власта за профитерство во едни вакви моменти. Таа дури потсети како беше во време на КОВИД-19, за провизиите за вакцините, за прогласувањето на енергетската криза па префрлување на буџетски средства на фирма ЕСМ која што беше единствена енергетска компанија и трпеше загуби.
„Така што мене не ме изненадува нивната континуирана заложба за да продолжат овие работи да се случуваат. Јас не очекувам дека нешто подобро ќе направат“, заклучи Митева.
„Но, очекував во најмала рака да не ги трошат оние 26.000 евра за ФБ кампања и да се сликаат пред празните полици со леб и да го проверуваат системот дали има леб или нема леб. Оние што практично го создадоа проблемот. Очекував да кажат збор – два зошто трошоците за живот во февруари пораснале за 16.7%. Или да кажат збор – два за изјавата на Сојузот за синдикати дека за едно четиричлено семејство потрошувачката кошничка е над 50.000 денари“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа запраша дали премиерот има кредибилитет да говори за кризите во Македонија, кои што тој ги создаде со својата Влада.
„Јас навистина започнувам да чувствувам огромна фрустрација и вознемиреност за секојдневните состојби со кои што ние се соочуваме додека власта прави тринеделно шоу во Собранието за некаква наводна реконструкција на Владата, Европски фронт итн.“, појасни Митева.