недела, 26. ноември 2023. Вести денес: 0
home Фудбал

Галтие: Немам врска со суспензијата на Меси

Галтие: Немам врска со суспензијата на Меси

Тренерот на ПСЖ, Кристоф Галтие рече денеска дека немал влијание врз одлуката за двонеделна суспензија на Лионел Меси, изразувајќи, притоа, и осуда на навивачките протести пред куќата на Нејмар.

Меси по поразот во неделата од Лориен (1-3) го напушти тренинг кампот на ПСЖ и отпатува за Саудиска Арабија поради спонзорски обврски. Тој рече дека очекувал фудбалерите да добијат два слободни дена, но клупското раководство одлучи играчите да тренираат по поразот од Лориен.

ПСЖ го суспендираше Меси на две недели и Аргентинецот нема да може да настапи на дуелите против Троја и Ајачио.

„Одборот на почетокот на оваа недела ме извести за одлуката да го суспендира Меси. Кога бев известен, мојата единствена одговорност беше да не го коментирам тоа“, изјави Галтие на прес – конференцијата пред неделниот прволигашки натпревар против Троја.

Меси има договор со ПСЖ до крајот на сезоната и се шпекулира дека ќе го напушти актуелниот француски првак.

Одговарајќи на новинарско прашање, дали еден од најдобрите фудбалери на сите времиња ќе заигра за ПСЖ по истекот на суспензијата, Галтие не даде прецизни информации.

„Ќе видиме кога Лео ќе се врати, ќе видиме што ќе се случи. Ќе има разговори на ниво на клубот, но и со Лео“, рече тренерот на ПСЖ.