Тренерот на Манчестер јунајтед, Ерик тен Хаг, изјави по повод пласманот во Лигата на шампиони (ЛШ) дека клубот се вратил каде што припаѓа, но оти ќе бидат неопходни засилувања за англискиот клуб да биде конкурентен во борбата за трофеи.
Манчестер јунајтед синоќа на „Олд Трафорд‘ го совлада Челзи со 4-1 и обезбеди место во ЛШ на едно коло пред крајот на сезоната во Премиер лигата.
„Овој клуб припаѓа во ЛШ. Пласманот меѓу четирите најдобри екипи во првенството беше главна цел. Натпреварувањето е тешко, има многу клубови со добри екипи, добри тренери и големи буџети. Ова во моментов е максимумот, но сакаме повеќе и јас сум нестрплив“, рече Тен Хаг.
Манчестер јунајтед до крајот на сезоната ќе има можност да освои трофеј доколку го совлада градскиот ривал Манчестер сити во финалето на ФА Купот, на 3 јуни на „Вембли“.
„Ова е добра основа да продолжиме, но стандардите и барањата мораат да бидат повисоки. Во текот на летото мораме да работиме со оваа екипа, но мораме и да се засилиме во преодниот рок. Сакаме да се бориме за титулата, но тоа мора да биде на реална основа. Засега сме далеку и имаме уште многу работа, но потребни ни се подобри играчи ако сакаме да се натпреваруваме на највисоко ниво“, наведе холандскиот стратег на клупата на Јунајтед.