недела, 11. февруари 2024. Вести денес: 0
home Регион

Новите пратеници во грчкиот Парламент положија свечена заклетва

Новите пратеници во грчкиот Парламент положија свечена заклетва

Свечена заклетва во грчкиот Парламент попладнево положија новите 300 пратеници избрани на минатонеделните избори во Грција, а ќе имаат еден од најкусите пратенички мандати, со оглед на тоа дека Парламентот утре ќе се распушти и ќе бидат распишани нови избори, јави дописничката на МИА од Атина.

Во присуство на претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, на службениот премиер Јоанис Сармас и министрите од службената Влада, поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот Јеронимос ја освети првата седница на новиот парламентарниот состав, по што следеше и свечената заклетва.

Мнозинството пратеници положија религиозна заклетва, дел одбраа граѓанска, а четворица пратеници положија заклетва пред Куранот.

Новиот парламентарен го сочинуваат пратеници од пет партии кои на минатонеделните избори го преминаа прагот од три отсто за влез во Парламентот.

Нова демократија има 146 пратеници, СИРИЗА 71, ПАСОК- Движење на промена 41, Комунистичката партија 26, а Грчко решение 16 пратеници.

Утре наутро ќе се одржи нова седница за избор на претседател и потпретседатели на Парламентот, по што ќе биде издаден и новиот претседателски декрет за распуштање на Парламентот и распишување избори на 25 јуни.

Со тоа и официјално ќе започне новиот предизборен период во Грција.