Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски на денешната прес конференција зборувајќи за казната од 90.000 евра за исфрлање на отпадот пред портите на „Дрисла“, истакна дека со непостапувањето на Градот неколку дена беше загрозена целата животна средина, па затоа отпадот беше собран од стручни лица со специјални возила и однесен до депонијата „Дрисла“ каде од страна на соработниците на Арсовска не беше дозволено да се одложи.
Ѓорѓиевски исто така истакна дека Арсовска не си ги знае ингеренциите кога праќа инспектори да казнуваат за депонирање на отпад до депонијата „Дрисла“ која е надвор од границите на Град Скопје и надвор од нејзините надлежности.
„Отпадот беше собран од стручни лица со специјални возила, но бевме попречени истиот да го депонираме до „Дрисла“ која што е најблиската регионална депонија каде што се врши одлагањето на отпадот. И како врв на сето ова, ако не е доволна небулозата тоа што за чистењето на депониите кои Град Скопје не сакаше да ги исчисти, иако е должен согласно закон, зад мене сите можете да ја видите депонијата „Дрисла“ која што ја има на оваа мапа, истата е лоцирана во дел на Сопиште и дел на општина Студеничани, општини кои што се надвор од границите на Град Скопје и од ингеренциите на Град Скопје“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој исто така додаде дека според ваквата логика на Арсовска и непознавање на надлежностите, таа утре може да се разбуди и да влезе во филм дека е министер за внатрешни работи, па да почне да казнува и да апси луѓе по улиците.
„Сакам да ја прашам Арсовска дали ги знае своите надлежности кога испраќа инспектори од Град Скопје да казнуваат надвор од границите на Градот Скопје. Дали оваа нејзина постапка значи дека утре сабајле рано изутрина може Арсовска да стане од спиење и да влезе во филм дека е министер за внатрешни работи, па да почне да казнува народ по улиците, да изрекува казни во својство на МВР и да апси народ по улиците?“, потенцираше Ѓорѓиевски и додаде:
„Госпоѓата не знае кои се надлежностите, кои се ингеренциите. Иако докажа изминативе месеци дека нема капацитет за раководење на институцијата Град Скопје, дека не знае да се справи со ниеден предизвик и проблем, со ова покажува дека ниту ги знае своите надлежности, ниту ги знае своите ингеренции, ниту пак ја знае територијата со која што администрира“.