Покрај извлекувањето на групите за ракометната Лига на Европа во седиштетот на ЕХФ се изврши и ждрепката за квалификациите за кадетското Европско првенство кое ќе се игра во Црна Гора.
Македонската репрезентација чекаше противници од првиот шешир и важи за носител во својата група, во која на крајот доби противници по мерка.
Македонските кадети ќе играат против врсниците од Швајцарија, Словачка и Косово, а Македонија како носител ќе има најдобри шанси да го организира турнирот во оваа група.
Поволна околност е и тоа што двете најдобри репрезентации ќе патуваат на завршниот турнир, на кој веќе имаат обезбедено место домаќинот Црна Гора и уште други 13 репрезентации.
Тоа се селекциите на Шпанија, Шведска, Германија, Хрватска, Данска, Исланд, Унгарија, Словенија, Португалија, Норвешка, Франција, Србија и Фарски Острови.