петок, 24. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

26-ти јули 1963: Денот кога Скопје се разбуди во ужас, а јас се родив… по втор пат!

Долгогодишниот новинар Антонио Димитриевски за првпат раскажува за личната борба за живот по катастрофалниот земјотрес во Скопје. Како тримесечно бебе останува кратко под рушевините на семејниот дом. Годинава го прослави својот јубилеен 60 роденден. Што преживеало неговото семејство тој 26 јули прочитајте во продолжение.
26-ти јули 1963: Денот кога Скопје се разбуди во ужас, а јас се родив… по втор пат!

Роден сум на денот кога Скопје се разбуди во ужас… Всушност, роден сум малку порано, но тој ден се родив по втор пат… Како речиси тримесечно бебе на кое 26 јули за малку можеше да му биде датум кој се испишува после онаа цртичка пред датумот на раѓање… За среќа, фала му на Бога, се’ се завршило поинаку.

Скопје, населба Пролет, зграда број девет, влез трети, втори кат… Тоа утро мајка ми Добрила станала рано, за да ми подготви храна. Мене, на нејзиното првороденче. Во тесното станче од 50-ина квадрати, четири генерации… Прадедо ми Теодосија, неговиот син – дедо ми Драган со баба ми Илина, вујко ми Филип – се’ уште ерген, мајка ми и татко ми Трајче, тогаш се’ уште студент и секако јас, мало бебенце, прва радост во семејството.

Најстариот, речиси 90 годишен, склеротичен, некогашен белградски печалбар „у време краља“ прашува…
„Зашто ова дете плаче, чије е?“ – а мајка ми онака смирено: „Па мое е дедо, наше е… внуче ти е“.

„Па зошто плаче, што га не смириш? – прашува стариот, а мајка ми: „Па, гладно е, затоа, еве му подготвувам јадење“.

„Не, није тачно… Ти не умеш да го чуваш… Ако не умеш да га чуваш, поклони га држави… Она ќе да се стара о њему“ – со полусрпски, полумакедонски враќа стариот и тогаш одненадеш чуден татнеж и старотен потрес .

Плафонот почнува да пука, подот да се тресе, ѕидовите се лулаат како клацкалка, малтерот се рони, неподнослива бучава… Чиниш светот се превртува наопаку. Тресењето трае, тапа заглушлива бучава и прашина насекаде. Метежот во паника да се спаси главата инстинктивно се претвора во хистерија… „Симнувајте , бегајте, сите надвор, земјотрес“…

Паѓа потпорниот ѕид што го дели станот од соседите, се урива дел од скалите во влезот… Семејството за миг е надвор… Но, не сите. Минува нецела минута од шокот, кога мајка ми спискува: „Бебето, каде ми е бебето“? Го нема и најстариот, (пра)дедото…

Шокот се претвора во паника, додека надвор тлото се’ уште повремено се потресува, а наоколу се слушаат пискотници, викотници, плач, лелек, довикувања, општа хистерија…

Вујко ми Филип, тогаш студент, младо и силно момче, фудбалер на Вардар и подоцна негов долгогодишен претседател, без двоумење онака, бос се стрчува назад кон влезот на зградата.

„Немој Филипе…“ – викаат по него баба ми и останатите, но тој не слуша никого. Се враќа по мене, по тримесечното бебенце кое онака целото во плач, прашина и малтер на раце го изнесува надвор, а потоа одново оди горе по дедото. Вториот обид – за малку фатален. Се уриваат скалите, но во последен момент некако успеваат тој и стариот да се извлечат.

Постземјотресните минути и часови течат во општа агонија… Јулското сонце го пече осакатеното Скопје додека се чека медицинска и хуманитарна помош.

Мене ме преземаат и заедно со мајка ми ме носат во болница во Ниш. Лекарите констатираат тешка инфекција на респираторниот систем и цревата. Прават се што можат, но не е се до медицината… Има нешто и до Господа. Не јадам ништо. Инфузијата како тече во мене, така во истиот миг и истекува од мене… како вода. Организмот не може да ја задржи ниту неа, камо ли храната. Мајка ми од шок го губи млекото. Не може да ме дои. Лекарите велат: „Што е до нас, тоа е… толку можеме. Шансите се мали да преживее, но ги има. Мајчиното млеко многу би помогнало, ама… Во нишката болница лежат и Ромки, тукушто породени, доилки. Вреди да се проба, како последна шанса… За пари, секако. И види чудо… Бебето го прифаќа „мајчиното“ млеко. Шукар!

Во меѓувреме прадедо ми онака сенилен и склеротичен со деменција, се губи… По ден талкање по урнатините вујко ми Филип го наоѓа на кејот на Вардар. По пижами како оди и мрмори: „Жено, где ми је пушка? Бугари, опет су нас напали Бугари“… На сенилниот воин од Првата светска војна, некои спомени од минатото му останале во главата. За жал истата таа и онака веќе доволно болна и истрауматизирана глава изложена 24 часа на сонце – не издржала. Тодосије Ѓурчиновски ќе ги преживее и војните и земјотресот, но ќе почине од мозочен удар само неколку дена по скопската катастрофа.

А катастрофа за малку и во нишката болница… Мајка ми ме гледа како се борам за секоја капка мајчино млеко што значи живот, но и покрај тоа по она на лекарите дека изгледите да преживеам не ми се баш најголеми, му праќа итна телеграма на татко ми со од прилика ваква содржина:

„Ја се држам некако, ама бебето… Толку беше, готово е“! Такво било времето, околностите, а такви биле и комуникациите… Немало ни обични, а камо ли мобилни телефони.

Во целиот тој метеж во Скопје, татко ми пораката ја сфаќа тотално погрешно. Другиот ден се појавува млад човек во нишката клиника забраден, променет во црнина. Дојден да си го подигне телото на своето „покојно дете“.

Можете да замислите само каков бил „контрашокот“ кога видел дека сум жив. И за Божје чудо полека сум почнал да закрепнувам. Оттаму во Белград со мајка ми кај нејзината другарка, тетка Зорка и сопругот Мирко, па по некое време назад во Скопје, кај братучедот на дедо ми, чичко Вељо и неговото благородно семејство.

И од тој судбински 26 јули 1963-тата еве ме и денес, на истиот датум, фала му на Бога, се’ уште жив и здрав… За да си припомнам на скопската катастрофа и кажувањата на оние кои подоцна ми ја раскажувале оваа моја животна приказна. За жал повеќе ги неме ниту баба и дедо, ниту вујко ми, ниту татко ми и мајка ми… Ги нема на овој свет од кој некои од нив прерано заминаа, но ги има вечно во моето срце и спомените, кои додека сум жив нема да избледат.

Како сеќавање и на семејството и на тој 26-ти јули 1963: Денот кога Скопје се разбуди во ужас, а јас се родив… по втор пат!

 

Автор е Антонио Димитриевски долгогодишен новинар, сега главен и одговорен уредник на порталот Вистина.ком.мк

Најнови вести