среда, 8. ноември 2023. Вести денес: 0
home Регион

Грчката Влада презема итни мерки за изгорените шуми од пожарите

Грчката Влада презема итни мерки за изгорените шуми од пожарите

Итно пошумување, грижа за преживеаните животни и заштитни бариери од поплави, се дел од мерките што ги соопшти министерот за животна средина и енергетика на Грција Теодорос Скилакакис по состанокот што го свика грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за обнова на шумите по пожарите во Еврос и на планината Парнита во областа Атика, јави дописничката на МИА од Атина.

На владиниот состанок станало збор за мерките што ќе се преземат за изгорените површини, но и за заштита на шумите.

-Шумската служба, со управни акти веднаш ќе ги прогласи овие површини за подготвени за пошумување. Се грижиме за дивиот свет, односно животните кои преживеале да имаат храна и вода во следните неколку месеци. И најважното, почнуваат процедури, како и за претходните пожари, за поставување заштита од корозија и поплава во погодените сливови, односно дрвени бариери и други технички проекти, кои имаат апсолутен приоритет, рече министерот за животна средина и енергетика.

На состанокот во Премиерската палата што го свика Мицотакис присуствувале министрите за животна средина и енергетика, за климатски кризи и цивилна заштита, државните министри, како и заменици- министри и надлежни генерални секретари.

Како што утрово објави МИА, според сателитските податоци од Службата за брзо мапирање Copernicus на Европската комисија, анализирани од Националната опсерваторија во Атина и порталот Метео, вкупната површина изгорена од шумскиот пожар кај Еврос, односно во пожарите во Александруполи и националниот парк Дадиа, надминува 80.800 хектари заклучно со вчера напладне, а пожарот е активен веќе 11 дена.