петок, 29. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Украинските воздухопловни сили тврдат дека собориле 22 руски дронови во областа Одеса

Украинските воздухопловни сили тврдат дека собориле 22 руски дронови во областа Одеса

Рано утринава Русија изврши трииполчасовен напад со беспилотни летала врз јужните делови на областа Одеса, погодувајќи ја пристанишната инфраструктура на реката Дунав, објавија украинските воздухопловни сили на комуникациската платформа Телеграм.

Украинските системи за противвоздушна одбрана, како што наведоа на Телеграм, соборија 22 од 25 дронови „Шахед“ од иранско производство што Русија ги користеше за напад на Одеса денеска во раните утрински часови.

Украинската јужна воена команда на социјалните мрежи објави дека најмалку двајца цивили се повредени во нападот на, како што ја нарече, „цивилната инфраструктура на Дунав“. Некои украински медиуми објавија дека има експлозии во пристаништето Рени, едно од двете главни пристаништа на Дунав со кои управува Украина.

Откако во јули истече договорот со кој Украина безбедно го извезува своето жито преку Црното Море, Русија ги засили своите напади врз регионите Одеса и Миколаев во јужна Украина, каде што се наоѓаат пристаништата и другата инфраструктура од витално значење за трговијата со храна.

Во август, првиот товарен брод што го премина Црното Море стигна до Истанбул, и покрај тешкотиите, а вчера украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека уште два брода поминале низ „привремениот коридор за жито на Црното Море“ создаден од неговата земја. (МИА)