четврток, 21. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Ајде да разговареме за… промена на Договорот за ЕУ

Ајде да разговареме за… промена на Договорот за ЕУ

Еурактив – Брисел

Долго време никој не споменуваше промена на Договорот за ЕУ. И тогаш, одеднаш…

Прво, шефицата на Комисијата Урсула фон дер Лајен ја покрена темата во нејзиниот говор за „Состојбата на Унијата“ на 13 септември. Да се реформира ЕУ и да се подобри, рече таа, тоа значи да се свика Европската конвенција и да се промени Договорот, доколку и каде е потребно.

Неколку дена подоцна, беше објавен француско-германски извештај, нарачан од двете влади за тоа како најдобро да се реформира ЕУ и да се подготви за пристапување на идните членки. Реформата што се предвидува јасно бара промена на Договорот.

Нашироко се претпоставува дека промената на договорите на ЕУ – по болната ратификација на Лисабонскиот договор, за која беа потребни две години – ќе биде „невозможна мисија“.

Дури и ако лидерите на ЕУ би можеле да се согласат на низа промени, тоа ќе треба да ја помине ратификацијата во националните парламенти и, во некои случаи, застрашувачкиот тест на референдумите.

Француско-германскиот извештај во суштина предлага земјите членки да се согласат некои од нив официјално да станат членки од втор ред.

Тој предлага ЕУ да се движи напред во четири круга: 1. Внатрешниот круг, 2. Самата ЕУ, 3. Придружни членки, и 4. Европската политичка заедница.

„Внатрешниот круг“ би бил составен од членките на Еврозоната и Шенген зоната. Денес, некои членки на Шенген зоната, поточно Холандија и Австрија, ги држат Романија и Бугарија на чекање, ефикасно спречувајќи ги да се приклучат на клубот од „внатрешниот круг“.

Тоа би можело да стане трајно.

Извештајот, исто така, предлага или намалување на бројот на комесари, така што сите земји членки нема да бидат претставени во Комисијата или воведување диференцијација помеѓу „водечки комесари“ и „комесари“, со тоа што потенцијално само „водечките комесари“ ќе гласаат во Комисијата.

Предлозите предвидуваат и земјите членки да се согласат да го намалат бројот на нивните европратеници за да направат простор за новите членки на ЕУ и да се откажат од своето сегашно право на вето користејќи го само заедно со најмалку уште една друга земја членка.

Француско-германскиот предлог, исто така, ја разгледува можноста за буџет на ЕУ „погоден за работа со помали групи земји членки во зависност од областите на политиката“.

Наша претпоставка е дека ниту една од 13-те нови членки кои влегоа во ЕУ во овој век, кои веќе се сметаат дека се од втор ред, иако неофицијално, не би прифатиле да ја официјализираат оваа диференцијација.

Ако ЕУ беше џентлменски клуб во кој членките се собираат да пробаат ретко виски и да пушат скапи пури, тоа ќе значи наеднаш правилата да се менуваат и на редовните членки им се кажува дека новата политика на клубот забранува тутун и алкохол, освен во мала просторија каде што можат да седат само Франција и Германија (иако можат да поканат гостин или двајца ако така одлучат).

Познатата фраза „сите животни се еднакви, но некои се поеднакви од другите“ од романот „Животинска фарма“ на Џорџ Орвел на тој начин доживува преродба. Авторот на овој текст ја слушаше споменатата фраза од своите соговорници секогаш кога се споменуваше француско-германскиот предлог.

Трудот ги истражува начините како да се протуркаат реформите, притоа заобиколувајќи целосна промена на Договорот, воведувајќи ги поимите за „дополнителен договор или договори“ помеѓу „расположените земји членки“.

Сепак, во документот се признава дека таквиот пат претпоставува правни предизвици и ризици. Друг трик објаснет во трудот е да се реализира реформата на ЕУ преку нејзино поврзување со обнова на договорите за пристапување, што ги менува основачките договори.

Не верувам дека Франција и Германија вршат притисок за промена на Договорот со зацртана цел да овозможат проширување на ЕУ. Наместо тоа, извештајот го користи проширувањето на ЕУ како изговор за тестирање на расположението за реформита на ЕУ, кои Париз и Берлин ги сметаат за корисни.

Не знаеме дали тоа е целта на извештајот, но наведените реформи ги обесхрабруваат дури и најголемите поддржувачи на проширувањето на ЕУ да продолжат да се залагаат за понатамошно проширување на Унијата – ако жртвите што треба да се направат се толку огромни.

Можеби ова е причината зошто Фон дер Лајен во својот говор рече дека проширувањето на ЕУ не треба да чека на промена на Договорот: Тоа требаше да ги охрабри кандидатите за ЕУ.

Но, и тие треба да знаат дека вистинските одлуки ќе дојдат од Париз и Берлин. (МИА)