Нарушувањата од областа на јавниот ред и мир на подрачјето на општините Крива Паланка и Ранковце во првото полугодие од годинава се зголемени за 65 отсто споредено со истиот период лани.
Во првите шест месеци од 2018 година се регистрирани 66 прекршоци на јавниот ред и мир, додека лани таа бројка изнесувала 40. Според податоците во Информацијата на превземени мерки и активности на Полициска станица од општа надлежност Крива Паланка за првите шест месеци од 2018 година, зголемен е и бројот на сторители, и тоа за речсии 50 отсто.
Поднесени биле 66 барања против 103 сторители, додека лани бројката на истите изнесувала 69. Најголем пораст се бележи кај регистрираните физички напади, чија бројка е зголемена за 92 отсто, односно во извештајниот период се регистрирани 27 прекршоци, за разлика од минатата година, кога се регистрирани 14. И бројот на тепачки е двојно зголемен, регистрирани се 14, а лани во истиот период имало само девет.
Намалување се бележи единствено кај прекршоците „фрлање, кршење разни предмети“, па во ова полугодие на 2018 е регистиран само еден, а лани имало три такви прекршоци. (МИА)