петок, 10. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

УНРВА: Газа се претвора во пекол, повикот на Израел за евакуација е ужасен

УНРВА: Газа се претвора во пекол, повикот на Израел за евакуација е ужасен

Повикот на Израел до повеќе од еден милион цивили да ја напуштат подрачјето на северна Газа во рок од 24 часа е ужасен, а енклавата брзо станува „пеколна дупка“, соопшти денеска Агенцијата на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА).

„Повикот на израелските сили да се преселат повеќе од милион цивили кои живеат во северниот дел на Газа во рок од 24 часа е ужасен. Обемот и брзината на хуманитарната криза што се развива се застрашувачки. Газа брзо станува пеколна дупка и е на работ на колапс“, изјави генералниот комесар на УНРВА, Филип Лазарини.

Израелската армија (ИДФ) ги извести Обединетите нации дека целото палестинско население на северот на Газа – околу 1,1 милион луѓе – треба да се пресели во јужниот дел од областа во рок од 24 часа, изјави претходно денеска портпаролот на ОН.

Предупредувањето на ИДФ се однесува и на персоналот на Обединетите нации и оние кои се сместени во објектите на ОН во северниот дел на Газа. Светската здравствена организација соопшти дека е информирана од локалните здравствени власти во Газа дека е невозможно да се евакуираат ранливите пациенти од болница во северниот дел на Појасот Газа.

„Има тешко болни луѓе чии повреди значат дека единствената шанса за преживување е да бидат на апарати за одржување во живот, како што се механички вентилатори“, рече портпаролот на СЗО Тарик Јашаревиќ. Тој додаде дека преместувањето на тие луѓе за нив е „смртна казна“.