Во неизвесен дуел словенскиот шампион Целје го освои ракометниот турнир „Струга 2018“ откако во финалето минимално го совлада тимот на Доброгеа Суд Констанца со 25:24 (11:13).
Натпреварот беше полн со возбуда и неизвесност до самиот крај. Двете екипи го менуваа водството, но сепак поголема концентрација во финишот покажаа Словенците кога направија водство од плус три и предноста ја задржаа. Одличен настап во финалето имаше македонскиот репрезентативен голман Никола Митревски за романскиот тим со 12 интервенции.
Бронзата ја освои екипата на Тулуз, совладувајќи го српскиот вицешампион Железничар со 32:24 (16:14). Во првото полувреме играа израмнето, но стартот на вториот дел им припадна на французите кога направија серија од четири гола за 20:14 и тука се реши победникот и освојувачот на пехарот за трето место.
Шведски Алингсас го победи турскиот шампион Бешикташ со 29:22 (12:13). После израмнето прво полувреме во кое за нијанса подобри беа турците работите се сменија во вториот дел. Швеѓаните имаа перфектен финиш добивајќи го со 7:1, за убедлива победа на крајот и освоено 5. место.
Во борбата за избегнување на последното место на турнирот екипата н Еурофарм Работник го совлада домаќинот Струга со 33:26 (18:10). Битолчани беа подобри во првото полувреме покажувајќи повеќе мотив за победа и заслужено го зазедоа 7. место на турнирот, а Струга остана последно пласирана.
За најдобар играч на турнирот е прогласен Домен Макуц, а за најдобар голман Клемен Ферлин и двајцата од екипата на Целје. Најдобар стрелец е Горан Кузманоски од Еурофарм Работник со 27 гола.