среда, 13. декември 2023. Вести денес: 0
home Живот и стил

ДЕНЕС Е ЦРКОВНА НОВА ГОДИНА – на овој ден кога се слави Преподобен Симеон Столпник една работа никако не правете, воздржете се!

ДЕНЕС Е ЦРКОВНА НОВА ГОДИНА – на овој ден кога се слави Преподобен Симеон Столпник една работа никако не правете, воздржете се!

Симеоновден или денот на Свети Симеон Столпник е голем православен празник, кој се одбележува на 1 септември според грегоријанскиот и на 14 септември според јулијанскиот календар.

Родум Сириец, од родители селани. Во својата осумнаесетта година побегна од родителите и се замонаши. Се предаваше себеси на најтешки подвизи, понекогаш постејќи по четириесет дена.

Потоа се предаде на особен подвиг: Имено, деноноќно стоеше на столб, во непрестајна молитва. Неговиот столб најпрво беше висок шест лакти, потоа му подигнаа еден од дванаесет, па од дваесет и два, па од триесет и шест, и најпосле столб висок четириесет лакти. Мајка му Марта двапати доаѓаше да го види, но тој не ја примаше, туку од столбот ѝ рече: „Не ме вознемирувај сега, мајко, ако се удостојам ќе се видиме во оној свет.“

Свети Симеон претрпе безбројни напади од демоните, но сите ги победи со молитва кон Бога. Овој светител изврши големи чуда и мнозина болни ги исцели со збор и со молитва. Околу неговиот столб притекнуваше народ од сите страни, богати и сиромашни, цареви и робови. И тој им помагаше на сите; на некои враќајќи им го телесното здравје, на некои давајќи им утеха и поука, а некои изобличувајќи ги заради нивната еретичка вера. Така ја одврати царицата Евдокија од Евтихиевата ерес и ја приведе кон Православието. Свети Симеон се подвизуваше за време на царевите Теодосиј Помладиот, Маркијан и Лав Велики. Овој прв столпник во христијанството и голем чудотворец поживеа сто и три години и се упокои во Господ на 14 септември, 459. година. Неговите мошти се пренесени во Антиохија, во црквата посветена на неговото име.

На овој празник започнува Црковната Нова Година.

Според верувањето и светците се раководеле по овој календар. Со празникот Свети Симеон е поврзано есенското засејување, што е проследено со посебни обичаи и верувања, иако тие се различни во разни краишта на Македонија и Светот имаат и многу заеднички елементи.

Обичаи

На 1 септември според стариот календар (или на 14 септември според новиот) започнува црковната година, а во народот овој ден се сметал за голем земјоделски празник. Тоа најповеќе се манифестирало со обичаите и верувањата поврзани со започнувањето на есенската сеидба.

Се верува дека откако е собрана летнината е завршен еден годишен циклус и започнува друг со првата есенска сеидба. Преданието сведочи дека на Првиот Вселенски собор е одредено црковната година да започнува на 1 септември. И кај Евреите со месецот септември започнувала граѓанската година, тогаш се собирале плодовите и се искажувала благодарност кон Бога. Во историјата на христијанството овој месец е значаен и по тоа што во септември царот Константин извојувал значајна победа над Максенциј, голем неверник и противник на христијанството и оттогаш започнало слободно изразување на христијанската вера.

Од Симеоновден започнува есенската сеидба. Се носело семе во црквата да се „очати и благослови“, а потоа дома се мешало со другото жито подготвено за сеење. Исто така се верувало дека на овој ден не се давало заем и не се изнесувало ништо од дома за да не се разнесе касметот, а ако некој барал нешто заем за да не се налути му се велело „семе изнасамо“.

Сите црни предмети од куќата се криеле од пред очи (тава, грне и др.) за да нема гламна житото. Орачот на нива носел дисаѓи со жито, а во житото имало прстен (златен или сребрен), потоа китка босилек, китка од разни други цвеќиња, две гросчиња бело и црно грозје, неварено јајце, чешел за коноп и мало лепче (кравајче). Во семето се измешувале и зрна од „брадата“ од минатата година што дотогаш се чувала во амбарот. На воловите им врзувале бела крпа за да е бело житото. По пристигнувањето на нивата орачот најпрвин изорувал една бразда, потоа низ прстенот пропуштал еден грст семе и го фрлал во нивата.

Чешелот го ставал во нивата за да е густ бериќетот како чешелот, белото грозје го фрлал во нивата за е бело (чисто) житото, а црното го фрлал надвор од нивата за да нема какол и гламна. Босилекот, китката со разни цвеќиња ги ставал во браздата како дар за нивата, а потоа со втората бразда сето тоа го покривал со земја.

Македонија

Низ Македонија на овој ден забележани се најразлични обичаи и верувања, но заедничко за сите е дека на овој ден започнуваат есенските земјоделски работи кои што значеле егзистенција и секогаш биле проследени со многу обичаи, верувања и магиски заштити што имале цел да обезбедат богат род на земјоделските култури.

На овој ден генерално низ цела етничка Македонија не се позајмувало ништо.