Син на српскиот жупан Стефан Немања, се родил во 1169 година. Како млад жеднееше за духовен живот, заради што побегна на Света Гора, каде што се замонаши и со ретка ревност го мина сиот подвижнички раст.
Немања тргна по примерот на синот, па и самиот дојде на Света Гора, се замонаши и умре како монах Симеон.
Сава издејствува кај царот и кај патријархот независност за српската Црква и стана прв архиепископ српски. Заедно со татко му го подигнаа манастирот Хилендар, а потоа и многубројни манастири, цркви и училишта по српската земја. Двапати патуваше на поклонение во Светата Земја.
Ги измируваше своите браќа раскарани околу власта, ги измируваше Србите со соседните народи. Се упокои во Трново, во времето на царот Асен, откако се разболе после литургијата на Богојавление, на 12 јануари 1236 година. Кралот Владислав му го пренесе телото во Милешево, од каде што Синан паша го зеде и го запали на Врачара во Белград, на 27 април 1595 година.
За Свети Сава е задолжителен пост, а може и мрсно да се слави доколку не се паѓа во среда или во петок.
Постои народно верување дека на Свети Сава не смее да се носи црвено. Ова верување потекнува од старите времиња, додека селаните стравувале дека волци ќе им ја изедат стоката. Свети Сава се сметал за овчар и заштитник на стоката, па на овој ден по обичај стоката сама ја пуштале на пасење. Меѓутоа, црвено не се носело бидејќи се верувалио дека црвената боја ги привлекува волците.
Исто така денеска не се острат ножеви или било кој алат за на волците да им останат затворени. Постои и верување дека е лош знак ако на Свети Сава грми и дека сигурно нешто лошо ќе се случи, бидејќи ударите од гром се исклучително ретка појава во зима. За грмотевиците на Свети Сава се говори и во една народна песна.