29-годишната Ема Маршал живеела во источен Лондон во стан кој во бањата имал дебел црн слој од мувла. Таа почнала да чувствува слабост и главоболки поради што посетила неколку доктори.
Иако состојбата ѝ се влошила до таа мера што не можела ни да стане од кревет, никој не знаел што ѝ е сѐ додека еден лекар не открил превисоко ниво на микотоксин, секундарен продукт на метаболизмот кој го синтетизира мувлата во текот на растот.
“Кога конечно пронајдов добар лекар, ме праша за околината во која живеам и работам, а штом му кажав дека не се чувствувам добро од 2014 година кога се преселив во новиот стан, сфатив дека мувлата би можела да биде виновникот за мојата состојба”, раскажала Ема која вели дека оттогаш телото ѝ е слабо и дека веќе со години се чувствува како некој да ја труе. Набрзо почнала да добива симптоми како акни и болки во телото.
На почетокот мислела дека сето тоа е последица на стрес, но во 2015 година, здравјето започнало да ѝ се влошува – неколку пати добила воспаление на бубрезите поради што докторите морале да ѝ вградат катетер на одреден период. Таа година паднала и ја повредила раката, а болката се проширила и кон рамената и вратот. По извесно време, Ема едвај можела да ја мрда таа рака, а подоцна била подложена и на операција поради воспалено слепо црево.
“Кога знаете дека нешто не е во ред со вас, а никој не ве слуша, се чувствувате како да викате во празна јама”, вели девојката која во разни фази се борела против бројни симптоми на разни болести како болки во зглобовите и мускулите, главоболки, мачнини, губење на помнењето, несоница, акни, осип, губење на косата и отекување.
Кон крајот на 2018 година, Ема пронашла објаснување за своите симптоми на интернет – труење со мувла. Тогаш сѐ ѝ се поклопило, а кога отишла на лекар, се изненадила кога дознала дека нивото на митотоксини во крвта е на превисоко ниво. Сега Ема Маршал собира пари за лекување во Мексико на “GoFundMe” и напоменува дека е важно да не се откажувате кога знаете дека нешто се случува со вашето тело, иако никој не знае што.